„Вечерва го чествуваме творештвото, визијата, посветеноста и неуморната енергија на Таше Пефќев – уметник чие дело зборува само по себе“, истакна Сандра Јанева, промотор на синоќешната изложба „Диптих“ на 25-годишниот ликовен уметник од Струмица, која беше отворена во поинаков и несекојдневен амбиент – „Арти Бранч Кафе“.
Претставувајќи го авторот, Јанева посочи дека Пефќев, кој работи како наставник по ликовно образование во основните училишта „Даме Груев“ во Куклиш и „Гоце Делчев“ во Вељуса, секојдневно ја пренесува љубовта кон уметноста на најмладите, охрабрувајќи ги да го откријат и развиваат сопствениот креативен глас.
„Неговата способност да пренесува знаење и да поттикнува изразување е дел од неговата уметничка вредност. Тоа е моќта на вистинскиот уметник – не само да создава, туку и да инспирира“, нагласи Јанева.
Говорејќи за изложените дела и за втората самостојна изложба на Пефќев, по првата што ја реализирал како матурант на 18-годишна возраст, Јанева истакна дека пред публиката е неговиот „Диптих“ – две поврзани дела кои меѓусебно комуницираат и се надополнуваат, создавајќи визуелен и емоционален дијалог.
„Со овој диптих уметникот нè потсетува дека секоја приказна има две страни, секоја емоција свои нијанси, а секоја човечка состојба свој внатрешен дијалог. Делата не нè повикуваат само да ги погледнеме, туку и да застанеме и да ѝ дозволиме на нивната меѓусебна динамика да нè допре на уникатен начин“, истакна Јанева.
Сликарството, вајарството и иконописот се дел од техниките преку кои Таше Пефќев го гради својот уметнички јазик, при што секоја линија, сенка и боја на платното сведочат за неговата љубов кон уметноста и посветеноста на творечкиот процес. Неговите дела се резултат на постојано истражување, експериментирање и учење од секој материјал и техника со кои се среќава.
Преку „Диптих“, Пефќев не црта само за себе – тој создава за оние кои сакаат да видат, да почувствуваат и да откријат нешто повеќе од секојдневното. Неговите дела остануваат како сведоштво за страста, креативноста и желбата за постојан раст преку уметноста.
На отворањето на изложбата присуствуваа бројни љубители на ликовната уметност, пријатели и колеги на Таше, а поддршка на неговата творечка работа даде и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
Изложбата „Диптих“ ќе биде поставена во „Арти Бранч Кафе“ до 19 декември, каде посетителите ќе можат да уживаат во уметничките дела кои го збогатуваат и надополнуваат амбиентот. /Р.Ѓ./





























