Светите браќа Кирил и Методиј се посебно важни за словенските народи. Родени се во Солун, во деветтиот век, во видно византиско семејство.
Свети Кирил кој пред да стане монах се викаше Константин, ги помина сите степени на тогашната наука. Брат му, пак, беше повеќе години управник на една област во струмичко. Двајцата имаа неколку мисии, што се опишани во Панонски легенди, двајцата беа монаси и двајцата се упокоија надвор од своето родно место, имајќи го целиот свет за свој дом, за мисионерско поле.
Големите македонски и сесловенски просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи.
За Словените се важни не само затоа што им ја дадоа азбуката, туку и затоа што ги доведоа пред вратите на вистинската просвета, т.е. пред Христа (во црковнот речник крштението најчесто се нарекува просветување).
Иако имаат и посебни празници на денот на нивното упокојување, тие имаат и заеднички празник на 24/11 мај. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.