Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници.
Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.
Свети Трифун се празнува на 14 февруари според новиот (или на 1 сечко според стариот) календар. Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување.
Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро времето, не очекува сушна и јалова година.