Денеска на локалитетот „Кај Дабот“ во близината на Кочани се одржа 11-от Собир на афористичарите „АФКО 2023“, на кој беа прогласени најдобрите автори и беа доделени наградите за најдобриот македонски афоризам.
Првата награда годинава ја доби Ацо Ѓоргиев од Струмица, второнаграден е Ристо Филчевски од Струмица, а третата награда ѝ е доделена на Ружа Стојмилова од Кочани.
Специјална плакета за особен придонес во развојот на хуморот и сатирата доби Миле Ѓорѓијоски од Делчево, а на Собирот на македонските афористичари учествуваа и гости, нивни колеги од Србија. Во музичката програма настапи етноансамбл кој исполни изворни фолклорни ора од кочанскиот регион.
Покрај првонаградените струмичани Ѓоргиев и Филчевски на овој Собир на афористичарите учествуваше уште еден струмичанец афористичар, Ѓорѓи Панов.
Во изминатите десет години манифестацијата во Кочани се одржуваше како „Вечер на македонскиот афоризам“, но по ограничувањата поради Ковид-пандемијата беше префрлена во дневен термин, а од годинава го промени и името во „АФКО“.