Грешка испечатени редни броеви на носители на советнички листи на гласачкото ливче во oпштина Ново Село, утринава го спречи гласањето на болните и изнемоштени лица во оваa општина. За овие Локални избори во oпштина Ново Село пријавени се 400 лица кои со медицинска документација потврдиле дека не можат утре да излезат на избирачките места да гласат, па согласно законот своето право го остваруваат денеска.
Избирачките одбори претпладнево не заминале кон домовите на болните и изнемоштени во општина Ново Село за да гласаат. Според информациите, сменети се редните броеви на двајца носители за советници, објави Дрнка.мк
За случајот информирана е ДИК. Од таму брифираа дека гласачкиот материјал за советници е повлечен и се дистрибуира нов и дека сите болни и изнемоштени ќе го остварат своето право.
„Избирачкиот материјал од општина Ново Село е повлечен. Таму денеска ниту едно пријавено болно или изнемоштено лице, нема гласано. Станува збор за гласачки материјал за советнички листи. Се дистрибуира нов и сите болни и изнемоштени лица ќе гласаат“, соопштија од ДИК за Дрнка.мк
Во струмичкиот регион пријавени се 1308 болни и изнемоштени лица. Освен во општина Ново Село каде се пријавени 400, денеска гласаат болните и изнемоштени и во општина Струмица, каде се пријавени 514, во Босилово 232, а во општина Василево 162 болни и изнемоштени лица.