Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека вчера и денеска непознат испраќач користејќи го логото на УЈП преку СМС пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички. Пораките се испраќани од телефонскиот број +389 79 212 628 со следната содржина: „Извршете ја задолжителната пријава на УЈП https://ujp.mk/verifikacija“.
Овој линк е лажен, и не води кон електронска адреса на Управата за јавни приходи.
Управата за јавни приходи апелира ДА НЕ СЕ ОТВОРААТ ОВИЕ СМС ПОРАКИ И ДА НЕ СЕ ОТВОРА ЛИНКОТ, а доколку некој го отворил линкот да не ги пополнува полињата во кои се бараат лични податоци од граѓаните, затоа што истите можат да бидат злоупотребени. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација.