Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Грегоријан, денеска беше во посета на општина Струмица, каде што оствари работна средба со градоначалникот Петар Јанков.
На средбата двајцата соговорници разговарале за тековните проекти што се реализираат во Струмица со финансиска поддршка од УНДП, при што било истакнато заедничкото настојување за продлабочување на соработката и во други области од локален развој.
Главна тема на разговорот бил проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, од кој во тек е изградба на нов парк во населбата Карпош – дел 2. Паркот претставува заедничка инвестиција во вредност од 26 милиони денари, од кои 16 милиони ги обезбедува Општина Струмица, а 10 милиони УНДП.
Новиот парк ќе се простира на површина од 14.000 м² и ќе вклучува современа паркова инфраструктура, а најголемиот дел ќе биде со зелени површини. Проектот претставува значаен чекор кон создавање поздрава животна средина, што е од особено значење за жителите на Струмица.

































