Од 16 до 18 Ноември во Прага, Чешка се одржа Економски Форум на паметни градови од Западен Балкан, во организација на Министерството за надворешни работи на Чешка и Министерството за индустрија и трговија на Чешка. Во рамките на Форумот учествуваше и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, информираат од општината.
Економскиот Форум, во чии рамки присуствуваа претставници од јавниот и приватниот сектор, во фокус стави различни теми поврзани со одржливиот и паметен урбан развој, управувањето со води и отпад и урбаната мобилност, преку размена на искуствата од имплементацијата на паметните решенија на локално ниво, начините за нивно финансирање, како и согледувањето на добрите примери од праксата.
Во рамките на учеството на форумот, покрај презентацијата на паметните и одржливи решенија планирани и имплементирани во Струмица, градоначалникот Костадинов оствари серија средби на кои покрај размената на искуства, конкретно разговараше за проектот со кој се планира Струмица да стане првиот македонски град со 100% електричен јавен транспорт.
„Ми претставува особено задоволство што присуствував на Економскиот Форум на паметни градови од Зaпаден Балкан кој се одржа во Прага. Во изминатите неколку дена имав можност да споделам искуства со колеги – градоначалници од регионот во доменот на одржливиот и урбан развој во рамки на локалната самоуправа, како и да остварам контакти со претставници на европски и регионални тела и институции кои несебично ги споделија своето знаење и добрата пракса. Впечатокот кој го стекнав преку реализираните средби е дека Струмица полека, но сигурно е препознаена како прогресивна општина од нашата земја која работи кон реализација на проекти со долгорочен бенефит за сите жители. Меѓународната соработка значи многу, како за уште поголемо етаблирање на Струмица во рамки на Европа, така и на ниво на поинтензивна примена на иновативни и одржливи решенија кои ќе служат за сегашните и идни генерации во нашата општина“ – вели градоначалникот Костадинов.
На форумот беа присутни претставници од Европска Унија, Европската Банка за Обнова и Развој, Советот за Регионална Соработка, Претставници на различни Министерства од земјите од регионот, како и градоначалниците на паметни градови од земјите од Западен Балкан. Присутните, покрај учеството во панел дискусиите имаа можност да посетат релевантни практични примени на технички решенија на различни локации во неколку градови во Чешка.