„Мора максимално да бидеме посветени на враќањето на некои подзаборавените вредности во образованието, вредности кои некогаш создаваа идеални предуслови за градење квалитетни генерации ученици, кои ќе бидат верни и достојни продолжувачи и негувачи на прогресот на општеството. Мораме да работиме сериозно на враќање на дигнитетот и авторитетот на наставникот, да ги зголемуваме неговите права, да ја јакнеме неговата позиција во односите наставник – ученик и наставник – родител, и на тој начин да ја анилураме подредената улога што ја има во тие односи, за жал не по негова вина. Истовремено треба да ја мотивираме соработката помеѓу наставниците и стручните служби во училиштата, за да може навреме да се избегнуваат одредени девијантни и несакани појави и последици“, ова им го кажа на просветните работници од општина Струмица, градоначалникот Костадин Костадинов на синоќешната Свечена академија во чест на браќата Кирил и Методиј.
Тој им порача и дека придобивките од интензивниот светски технички-технолошки развој, како што се уредите за комуникација, не смеат да бидат на дофат на учениците за време на одржувањето на наставата, за да можат учениците максимално да бидат посветени на активностите кои се дел од воспитно-образовната програма.