Од Противпожарнта единица на Струмица информираат дека денеска околу 16:30 часот интервенирале во гасењето на запалена викендица помеѓу селата Свидовица и Банско. Викендицата била зафатена од пожар предизвикан од запалена сува трева во нејзина близина. Благодарение на брзата и ефикасна интервенција пожарот е навремено локализиран и ликвидиран.
Од ТППЕ Струмица велат дека и покрај екстремно големата опасност од избувнување на пожари и покрај сите апели и забрани, еден дел од нашите сограѓани продолжуваат со крајно неодговорно однесување и предизвикување на пожари со кои се загрозуваат човечките животи и се уништуваат материјалните и природните ресурси.
Апелираат, да не се пали оган на отворен простор, бидејќи поради неповолните климатски фактори (високи температури и сушен период) постои голема опасност од предизвикување на пожари.