Командирот на Противпожарната единица на Струмица, Александар Гудев не информираше дека големиот пожар во близина на Струмица околу 22:30 часот е изгаснат, остануваат пожарникарски и полициски екипи на терен да ја следат состојбата. За среќа пламените јазици немаат направено поголема материјална штета, а освен трска и сува трева опожарена и една напуштена викенд куќа.
На теренот покрај пожарникарите на Струмица како и од ТППЕ на Радовиш, Валандово и Гевгелија биле и многу припадници на МВР кои дадоа придонес во гасењето на пожарот, како и припадници на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.
Информацијата за пожарот струмичките пожарникари ја добиле околу 14 часот, по што веднаш била испратена екипа на терен. Од силниот ветер и сувата треба огнот почнал брзо да се шири поради што се активирани и останатите екипи од единицата. Со цел побрзо локализирање на огнот и заштита на објектите кои се наоѓаат во близина, побарана е помош и од пожарникарите од Валандово, Гевгелија и Радовиш.
Засега не се познати причините поради кои настанал огнот, но според првичните и неофицијални информации најверојатно се работи за човечки фактор.
На терен со пожарникарите во доцните попладневни часови беа и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.