Вечерва на сцената на Драмски театар по завршување на изведбата на претставата „Гидионовиот јазол“, директорот на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, Ване Ристов Патриков ја додели наградата за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“ на актерката Биљана Драгичевиќ Пројковска, лауреат на 33-то издание на овој реномиран струмички фестивал на актерите.
„Со голема чест и радост стојам пред вас вечерва. Наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица не е само признание за мојата работа, туку и за целиот тим кој неуморно вложува и срце и душа во театарот. Во нашата уметност, секоја претстава е резултат на заедничка инспирација, љубов и посветеност. Благодарна сум за можноста да ги живеам улогите на сцената, да раскажувам приказни и да создавам нераскинлива врска со публиката која, заедно со нас го чувствува и го живее театарот. Ви благодарам на сите што го сакате и го поддржувате театарот. Оваа награда ме мотивира уште повеќе да продолжам да создавам и да се развивам како актерка и човек. Благодарам на Драмски театар, на режисерката Драгана, на мојата колешка Ања, Викторија и на Жаки, на сите прекрасни деца што играат со нас, на техничките служби во театарот и секако на жири комисијата во состав: Лео Долорес Поповиќ, претседател, Анастас Попдимитров, актер и режисер, и Иван Додовски, универзитетски професор и драмски автор, што го вреднуваше мојот труд“ – кажа во своето обраќање актерката Биљана Драгичевиќ Пројковска.