Најмногу дожд, 40 литри на метар квадратен, во изминатите 24 часа, наврна во Крива Паланка, по што следуваат Струмица со 29 литри, Дојран 25 Ѓуриште 23, Пожаране 20, Крушево 18, Маврови Анови 16, Виница, 12 литри на метар квадратен, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи.
Дадените вредности за количината врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, велат од УХМР.
За денеска најавуваат променливо облачно со повремен дожд, а од пладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време (над 25 литри на метар квадратен), силен ветер и изолирана појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 26 степени.