Градоначалникот на општина Ново Село, Ѓеорги Божинов денеска со директорот на НУ Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, Бранко Ѓоргиев, професорот Трајче Нацев од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, заедно со археолозите од „Завод и Музеј“ Струмица, Душко Цветанов и Зоран Рујак, ја посетија локацијата каде се наоѓа кулата Пирго над Мокриево.
Се планира отпочнување конзервација на кулата Пирго и уредување на просторот околу неа. Активностите ќе започнат во месец јуни оваа година, согласно веќе изработен основен проект кој го финансираше општината Ново Село, а конзервацијата од страна на стручните тимови ќе се реализира со пари обезбедени од Министерството за култура и туризам.
Овој потег на реконструкција на славната кула Пирго е остварување на идеја на повеќе генерации, затоа што постоеле повеќе иницијативи и петиции на жители и иселеници од овој крај.
Инаку Пирго е позната локација каде на пролет и лето месното население и многу гости често прават излети и се организираат настани. Местото плени со природна убавина, чистота и свежина.
Секоја година на 10 август (29 јули според стариот календар), сите жители на населеното место се искачуваат на Пирго, каде што се наоѓаат и трите стари јавори од времето на Цар Самуил и Битката на Беласица пред 1000 години.