Струмичкиот театар „Антон Панов“ во четврток на 12-ти јуни, со почеток во 20:00 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Синот“ по текстот на Флоријан Зелер, а во режија на Благој Мицевски. Претставата е во чест на одбележувањето 30 години актерска дејност на Кољо Черкезов, кој зад себе има голем број улоги со театарот од Струмица. Првата улога на професионалната театарска сцена во Струмица на Черкезов му е во 1987 година, тоа е улогата на Привидение во претставата „Магбет“ во режија на Стојан Стојаноски. Пред официјално да стане член на ансамблот во 1994 година, ќе оствари петнаесетина улоги.
Претставата „Синот“, работена според истоимениот текст на „еден од највозбудливите драмски писатели на денешницата“, Французинот Флоријан Зелер, е семејна приказна која нѐ соочува со проблемот на адолесцентската депресија.
Кољо Черкезов ја игра улогата на ПЈЕР – таткото, Јасмина Вучкова е мајката Ана, СОФИЈА, сопругата на Пјер – Јулија Милкова НИКОЛА, синот – Михаил Велков к.г. ДОКТОРОТ – Ванчо Василев, БОЛНИЧАРОТ – Томе Витанов.
Сценографијата е на Мицевски, драматург е Ацо Гогов, а преводот на Јадранка Стефкова. Костимите се на Ванчо Василев, музиката на Марјан Нечак.