Општинското основно училиште во Моноспитово кое го носи името на вториот претседател на независна Република Македонија, Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во 2004 година, денеска на денот на неговиот 68-ми роденден доби спомен биста со ликот на својот патрон, донација од Македонци иселеници во Австралија, а ја изработи Драги Бусев од Моноспитово.
„Оваа биста нека биде траен и вечен потсетник за ликот и делото на Борис Трајковски“ – кажа градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев откривајќи ја бистата на претседателот.
На свеченоста што се одржа во училишниот двор, ученици на ООУ „Борис Трајковски“ изведоа културно-уметничка програма.
ООУ „Борис Трајковски“ во Моноспитово започна со работа пред 10 години, а именувано во чест на претседателот Борис Трајковски кој е роден во Моноспитово.