Во тек се неколку јавни повици кои овозможуваат финансиска поддршка за модернизација на земјоделските стопанства, а најголем интерес има за набавка на нови трактори и приклучна механизација.
Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Струмица истакнуваат дека постапката за аплицирање е значително олеснета, а потребната документација може да се обезбеди за два до три дена. Дополнително, за сите нејаснотии, земјоделците имаат можност да добијат поддршка и совети како од службениците во Министерството, така и од советниците во Агенцијата за поддршка и развој на земјоделството.
Покрај инвестиционите мерки, во тек е и поднесувањето на барањата за директни плаќања, за кои рокот е продолжен до 15 август.