Синоќа во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, во присуство на познати гости и љубители на филмот, се отвори јубилејното 20-то издание на меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“.
На самото отворање беше македонската премиера на краткометражниот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам и на „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер, добитник на БАФТА.
Модераторот на вечерта, Сузана Мицева, рече дека „Астерфест“ не е само фестивал на кој се прикажуваат филмови – тој е платформа за авторите кои заслужуваат да бидат слушнати и видени, за приказните кои нè трогнуваат, нè провоцираат, нè менуваат и секој филм што ќе го видиме на овогодишното издание е резултат на нечија посветеност, визија, но и борба да се остане верен на себе.
Таа ја прочита и пораката на градоначалникот Костадин Костадинов, во која тој го истакна местото на „Астерфест“ како манифестација што со својата автентичност и креативност стана еден од клучните белези на културната сцена во Струмица и вети продолжување на поддршката, како доказ за заложбата на Општина Струмица за развојот на културата и уметноста.
Емил Рубен, добитникот на специјалната награда, плакета на „Астерфест“ за долгогодишни врвни актерски остварувања во македонскиот и балканскиот филм и еден од нашите најмаркантни актери, со возбуда евоцираше спомени од неговото плодно 70-годишно филмско искуство и зборуваше за неговиот посебен респект кон Струмица, како град на значајни личности и творци. Плакетата му ја врачи основачот и директор на „Астерфест“, Горан Тренчовски.
Денеска претпладне е традиционалната посета на филмските гости во Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса.
По вчерашното врнежливо време, вечерните проекции треба да продолжат да се одвиваат во Амфитеатарот во Градскиот парк во Струмица. Ќе се прикажат балканската премиера на „Самотија“ на Бошко Боби Грубиќ, „Сок од портокал“ на Александар Атане, „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ, „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ, „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, како и изборот од македонската продукција, меѓу кои „Амра“ на Васил Христов, „Избор“ на Марко Црногорски, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Турбо-нет“ на Надежда Панов.
Утре, со почеток во 11:00 часот, во „Јуроп хаус“ ќе се одржи и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература „Словенски Орфеј“, на која ќе зборуваат Зоран Стефановиќ и Мимоза Рајл, а утревечер во 20:30 часот, по прогласувањето на наградите од жирито во состав на филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов, ќе има специјална проекција на дигитализираната копија од Кинотеката на Македонија на среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов, во чест на Емил Рубен и како одбележување на 25 години од снимањето.
Струмичкиот „Астерфест“ ќе трае до 8 август, под мотото „Филмски крстопати“, посветен, како и секогаш, на авторскиот филм.
ФОТО: Сречко Гунчев