Во хотелот „Сириус“ во Струмица од синоќа до 9 ноември се одржува Осмиот меѓународен симпозиум по археологија на тема „Теракота и грнчарија – Од Енкиду до зграфито“, во организација на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, со поддршка од Министерството за култура.
На тридневниот научен собир учествуваат дваесет археолози од седум држави, меѓу кои и истакнати македонски и странски истражувачи, кои ќе презентираат вкупно 16 научни трудови.
Официјалното отворање се одржа синоќа, на кое присуствуваа универзитетски професори, истражувачи и претставници на културни институции.
Директорот на НУ Завод и Музеј – Струмица, Бранко Ѓоргиев, во своето обраќање нагласи дека континуираното одржување на симпозиумот е доказ за сериозниот и посветен пристап кон археолошката наука, како и за значајната улога на Струмица како регионален центар на културното наследство.
„Уметноста на создавање од земја отсекогаш била фасцинантна форма на изразување што го следела човештвото низ милениумите. Магичната разновидност на глината ја инспирирала не само човековата рака, туку и божественото во митологијата на различни цивилизации, од Аруру и египетскиот Хнум, преку грчкиот Хефест, па сè до библискиот Господ Бог,“ кажа Ѓоргиев.
На отворањето беа презентирани и главните цели на симпозиумот – поттикнување академска дискусија за потеклото, развојот и културното значење на керамиката низ различни епохи и цивилизации, како и размена на современи научни сознанија и археолошки интерпретации.




































