Денеска во Спортската сала „Парк“ во Струмица се одржа првиот меѓународен Меморијален турнир во чест на некогашниот кошаркар, прерано починатиот Звонимир Кечев – Кечето, а го организираше кошаркаркиот клуб „Ветерани Баскет“ од Струмица.
На првиот Меморијален турнир учествуваа ветераните на КК Лесковац – Србија, КК Солун – Грција, КК Варна – Бугарија, кошаркарските клубови на ветерани од Кавадарци, Велес, Битола и домаќините КК Ветерани Баскет од Струмица.
„Звонко беше вистински лидер на теренот, но уште поважно, беше човек на кој сите можевме да се потпреме, секогаш спремен да подаде рака и да помогне. Неговата посветеност во кошарката и љубовта којашто ја имаше кон овој спорт ќе остане засекогаш запаметена. Овој турнир не е само за натпреварување – тој е симбол на неговото наследство и одраз на се што тој претставуваше за нас. Со натпреварите што ќе ги видиме денеска го чуствуваме духот на играта што Звонко ја носеше во себе, а со тоа го продолжуваме неговиот пример. Нека овој ден биде потсетник на сите нас колку е важно да го негуваме тимскиот дух и пријателствата кое ги гради спортот“ – кажа во обраќањето Павле Узунов од КК „Ветерани Баскет“ Струмица.
Инаку, Звонимир Кечев – Кечето, беше член на струмичките кошаркарски великани КК „Неметали Огражден“ и КК „Македонија ‘91“.