Во организација на Здружението „Quo Vadis Ad Astra“ од Струмица, а во соработка со Амбасадата на Република Италија во Скопје и Општина Струмица, синоќа во прекрасниот амбиент на ресторанот „Вила Парк“ во Струмица се одржа Италијанска вечер – „Вкуси ја магијата на италијанската кујна“.
Автентичните вкусови на prosecco, antipasti, prosciutto, parmiggiano и други деликатеси од палетата на производи на „Bottega Del Gusto“ од Скопје беа интро на уникатиот вкус со кој изобилуваа традиционалните наполетански пици од вештите раце на Мастер Антонио Таммаро. Овие вкусови беа идеална комбинација со Birra Moretti, кое е достапно и кај нас во Македонија благодарение на АД Пивара Скопје. За слатките вкусови и подготвените десерти за ова вечер се погрижија учениците од паралелката за угостителство и туризам при СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица под менторство на професорката Ивана Петров Ѓоргиева кои и овој пат професионално одговорија на задачата пренесувајќи го вкусот на неодоливите италијански десерти.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов ја отвори ова италијанска вечер поздравувајќи ги гостите, а меѓу нив беа и заменик амбасадорот во италијанската амбасада, Марио Де Роза, претседателот на Конфиндустрија Македонија, Рикардо Раиноне, потпретседателот на Конфиндустрија Бугарија и делегат на Источноевропската конфедерација за интернационализација, Нунцио Кораџо и потпретседателот на Конфиндустрија Македонија, Кристиано Лизи.
За вечерта да биде попријатна со прекрасните звуци на виолините се погрижија Маја Витанова и Милка Панчурова Ганчева.