Во Струмица промовирана игра за инвалиди во количка – Бочија, спортска дисциплина која е многу популарна, не само на Светските параолимписки игри, туку станува секојдневие и интересна и кај нас меѓу сите возрасти на лица со хендикеп.
Во дворот на училиштето „Сандо Масев“, инвалиди од Струмица, Гевгелија и од Скопје – Кисела Вода се натпреваруваа во ова спортска дисциплина, а ја промовираа претставници на Бочијата Федерација на Македонија.
„Една од приоритетните цели ни е да ја развиеме играта низ цела држава, а денеска и во Струмица, како еден огромен ресурс и потенцијал за нови атлети коишто очекуваме утре да бидат и дел од некои меѓународни натпреварувања. Бочија е единствена игра кадешто мажите и жените се натпреваруваат еднакво меѓу себе што ја прави малку поразлична и игра којашто дава можност на сите лица, дури и со најтешка инвалидност“ – вели дефектологот Александар Николов.
Промовирањето и натпреварувањето во оваа игра го следеа пратеникот Дејанчо Ефтимов и градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов кои ги бодреа учесниците.
Бочија е игра што главно ја играат лица во инвалидска количка и се игра на игралиште во должина од 12,5 метри и ширина од 6 метри. Топките се нешто поголеми од тениско топче, од кожа се и имаат тежина од 280 грама. Од количките можат да се тркалаат со рака или да се шутираат со нога и целта е едната екипа со црвени топки, а другата со сини да дојде што поблиску до главната, белата топка која носи најмногу поени.