Од вечерва, па во наредните пет дена Струмица ќе живее во театарската магија која се создава веќе 31 година на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Ќе се слави актерот, триесеттина од Македонија, Бугарија и Словенија со своите изведби ќе се борат за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“.
Во жирито се минатогодишната лауреатка, Дарја Ризова, писателот и професор на ФДУ, Иван Додовски и актерката Мими Таневска, кои ќе ја доделат наградата – златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра.
31-то издание на ФКТ „Ристо Шишков“ го отвори Елена Магеровска Паликарова, заменик градоначалник и член на Советот на општина Струмица.
„Го дочекавме и влезот во четвртата деценија од споделувањето на струмичката љубов, почит и верност кон бардот на македонското глумиште Ристо Шишков, преку единствениот меѓународен театарски фестивал посветен на актерот, фестивал кој покрај спомените на великанот, овозможува тој да живее и во годините кога самоуверено чекори само по небесените штици, играјќи големи ролји кои нему му прилегаат“ – кажа Магеровска Паликарова.
Фестивалот започна со изведбата на претставата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија Ненад Витанов, а во изведба на актерите од велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Фестивалот се одржува од 8 до 13 септември во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.