Со цел унапредување на заштитата на животната средина и поттикнување одговорно управување со отпадот, на повеќе локации низ Струмица се поставени нови специјализирани контејнери наменети исклучиво за текстилен отпад. Контејнерите се донација од фирмата „Еко-Текс Груп“ од Скопје и имаат за цел да ја поттикнат реупотребата и рециклирањето, како и да се намали количината текстилен отпад што завршува во мешаниот комунален отпад.
Контејнерите за текстилен отпад се поставени на следните локации:
- ООУ „Никола Вапцаров“
- ДСУ РЦСОО „Никола Карев“
- СОУ „Јане Сандански“
- СОУУД „Димитар Влахов“
- ООУ „Маршал Тито“
- Црвен крст – Струмица
- Дом на АРМ
Во овие контејнери граѓаните можат да одложуваат стара облека (маици, панталони, јакни), обувки кои повеќе не се користат, постелнина, крпи, завеси, како и други текстилни материјали.
Надлежните посочуваат дека правилното селектирање на текстилниот отпад овозможува негова понатамошна рециклажа или реупотреба, со што директно се намалува количеството отпад во општината и се придонесува за почиста и позелена животна средина.
Воедно, упатен е апел до граѓаните текстилниот отпад да биде уредно спакуван во кеси и да не се остава надвор од контејнерите, со цел одржување на хигиената на јавните површини.

































