Вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беше отворена Изложбата „21“ на уметницата Мирјана Крстева Масети. На изложбата се поставени 36 дела – слики работени во акрилна техника и повеќе цртежи во комбинирана техника и во молив во боја.
Таа на оваа изложба се претставува со освежен ликовен јазик во кој бојата ја има примарната улога. Станува збор за апстрактно-асоцијативни записи од личниот, духовен и визуелен инвентар, ликовно оживеани кои низ меѓусебната комуникација градат нов значаен простор.
М-р Мирјана Крстева Масети е родена 1979 година во Скопје. Дипломирала на Академијата за ликовна уметност во Благоевград, Бугарија. Магистерски студии завршува на ФЛУ – Сликарство, во класата на проф. Благоја Маневски. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2010 година. Досега имала 30 самостојни изложби, а учествувала на околу 60 групни изложби. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и посебната награда од ОСТЕН, Светска галерија на цртеж, од Биеналето на наградени автори во Скопје. Живее и работи во Гевгелија и е основач на Мултимедија центарот во Гевгелија.