Денеска во малиот градски парк во Струмица, пред Споменикот на паднатите борци од НОАВМ со мала свеченост беше одбележан 9 Мај – меѓународниот Ден на победата над фашизмот и Денот на Европа.
„Го одбележуваме денот кога ја славиме симбиозата помеѓу мирот и обединувањето. Истата ја чувствуваме како слободни граѓани, сеќавајќи ги хероите во минатото, поклонувајќи се на сите подвизи и чинења со кои е создаден народот познат како „пиреј“, народ кој слободата не ја остава случајно на иднината и народ кој достоинствено се бори за сите права и привилегии, преку сопствените одговорности и аспирации. Денешниот ден, 9 Мај е кулминација над фашизмот и претставува фундамент на кои беа поставени темелите на денешната Европска Унија. Споменот на овие факти треба да претставува уште посилен поттик за поголеми заложби на секој поединец, за да се оствари и нашиот европски сон“ – кажа во своето обраќање градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Пред Споменикот на паднатите борци од НОАВМ, свежо цвеќе положија од Општина Струмица, претставници на политички партии, здруженија и граѓани, а во чест на празникот настапија и рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ од Струмица.