На плоштадот во Струмица, Здружението „ПроАгро Фармери“ по четврти пат ја организираше манифестацијата „АГРО САЕМ СТРУМИЦА 2024“ со поддршка на Општина Струмица и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
На манифестацијата се претставија 100-тина изложувачи, пред се фармери, градинари, пчелари, производители на репроматријали и земјоделска опрема од Македонија, но и од странство.
Посетителите имаа можност да ги видат последните технолошки достигнувања во органското земјоделско производство, органски произведени култури, земјоделска механизација, органски производи за заштита и прихрана во земјодлеското производство. Саемот беше можност пред голем број посетители, производителите на свој автентичен начин да го претстават своето производство на ајвер и лутеница, вино, ракија, мед, маџун, јаболков оцет, разните видови сирења, слатко од разни овошја и природни сокови.
„Ако минатото и сегашноста на човештвото опстојувале по заслуга на земјоделското производство, ако минатото и сегашноста на земјава и нашиот струмички регион се темелат на успешниот аграр, тогаш ајде сите да си посакаме таква да ни биде и иднината“ – кажа градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов отворајќи ја манифестацијата.
„АГРО САЕМ СТРУМИЦА“ и годинава ги избра најдобрите производители на мед, најдобар штанд, а ја додели и наградата „Жена фармер на годината“. Оваа признание им припадна на Владанка Ристиќ од село Тимјаник – Неготино, Валентина Дукова, од Градско – Велес, Марија Стојанова од Балдовци – Струмица и Весна Јаневска од Росоман – Кавадарци.
„Ова не е само саем, туку вистински фестивал на вкусовите и традициите, каде што ќе ја почитуваме домашната храна и ќе ја поддржиме локалната економија. Целта на Саемот е да ја подигне свеста за домашната произведена храна и да овозможиме зајакнување на соработката и довербата помеѓу сите кои се вклучени во синџирот на земјоделско производство. Со овој голем настан сакаме да продолжиме да ја почитуваме локално произведената храна и да ја зголемиме свеста за купување на домашни производи” – кажа Борче Јанев од Здружението „ПроАгро Фармери“ Струмица.