Изложба со фотографии од актерот Ристо Шишков ќе се отвори вечерва во Скопје, во бифе „Тафталиџе“ во 20:00 часот. Ќе бидат прикажани професионални и приватни фотографии од Шишков од повеќе периоди од неговиот живот, а изложбата ја организира неговото семејство.
Ристо Шишков беше истакнат театарски и филмски актер. Роден е во 1940 во селото Мрсна, Серско, и бил меѓу децата бегалци од Егејска Македонија. Во 1957 почнал да глуми во Народниот театар „Антон Панов” во Струмица. Во 1962 дипломирал глума на Театарската академија во Белград, а по двегодишната работа во Југословенско драмско позориште во Белград, во 1964 станал член на Драмата на Македонскиот народен театар. Играл во 54 театарски претстави и снимил 11 филмови, пет телевизиски драми, три ТВ-серии и повеќе радиодрами.
Во негова чест, од 1992 година во Струмица се одржува Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.