Викендот во Полска беше отворена изложбата насловена „Средба“ (Spotkanie) на македонскиот ликовен уметник Љупка Галазка Василев од Струмица и Агниешка Цецилија Казала од Полска.
„Spotkanie“ е изложба која покажува дека уметноста ги брише разликите помеѓу луѓето, културите и народите. Синтеза и промоција на две различни култури. Алка во јакнењето на меѓународната соработка. Оваа изложба е вистинска средба на пријатели, националности, култури и стекнување нови познанства“, вели една од авторките, струмичанката Љупка Галазка Василев.
На изложбата свое обраќање имаа амбасадорот на Република Северна Македонија во Полска, Јасмин Кахил, директорот на Културниот центар во градот Гура Калвариа, Дариуш Фалан и градоначалникот Аркадиуш Стжижевски.
Изложбата на уметничка ткаенина и слики ќе биде поставена до 8 мај 2024 година. Истата е поддржана од Амбасадата на Република Северна Македонија во Полска и Унијата на полски ликовни уметници од Вроцлав. Изложбата покрај голем број граѓани, љубители на уметноста ја посетија и претставници на Здружението на македонската култура во Полска.