Петтата седница на Советот на Општина Струмица ќе се одржи во петок, на 26 декември, со почеток во 10:00 часот, во салата на Советот во Домот на АРМ. На седницата ќе се расправа и ќе се одлучува за повеќе значајни прашања од надлежност на локалната самоуправа, при што во фокусот ќе биде донесувањето на Буџетот на Општина Струмица за 2026 година и одлуката за негово извршување.
Советниците ќе расправаат и за програмата за работа на Советот за 2026 година, за резервирање средства за експропријација во Буџетот, како и за низа годишни програми со кои ќе се дефинираат активностите на општината во наредната година во областа на урбанистичкото планирање, уредувањето на градежното земјиште, изградбата и одржувањето на локалните патишта и улици, јавното осветлување, јавната чистота и јавното зеленило, заштитата на животната средина и заштитата од штетно дејство на водите, како и активностите во областа на културата, спортот и младите, образованието, локалниот економски развој, туризмот, социјалната и детската заштита, еднаквите можности на жените и мажите, заштитата и спасувањето и противпожарната заштита.
На дневен ред ќе се најдат и одлуки поврзани со верификација на мандат на член на Советот, на столчето на Александар Илиев од ЗНАМ, по неговата оставка, ќе седне Лилјана Јешменова Стојановиќ од истата партија, ќе има кадровски промени во советнички комисии, ќе се усвојува план за вработувања во општинската администрација во 2026-та, утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници и благајничкиот максимум за 2026 година, како и социјални мерки кои предвидуваат доделување еднократна парична помош за семејства со прваче и за новороденче на подрачјето на општината во 2026 година, како и субвенционирање на сметките за гас и приклучувањето на гасоводната мрежа.
Советниците ќе расправаат и за донесување детален урбанистички план за дел од Блок 8 во Струмица, за измена на висината на комуналните такси, како и за извештаите, програмите за работа и финансиските планови на јавните претпријатија и јавните установи за 2026 година, меѓу кои се „Комуналец“, „Струмица Гас“, „Струмица Транспорт“, „Паркиралишта Струмица“, ЈПЗБК „Стационар – Лана“, ЛУБ „Благој Јанков Мучето“, како и програмата за подготовка и реализација на Струмичкиот карневал 2026 година.
Во рамки на седницата ќе се разгледа и извештајот за работата на Општинската изборна комисија – Струмица за спроведените локални избори во 2025 година, како и одлуките поврзани со надоместоците за изборните органи, а на самиот крај на дневниот ред е предлог-заклучок со кој се изразува став дека граѓаните на општина Струмица се против изградба или сместување на капацитети за баратели на азил одбиени од Велика Британија на територијата на општината. /Р.Ѓ./





























