Со изведбата на претставата „Вујко Вања“ на 29 ноември (петок) во 20:00 часот, ќе биде одбележана 55-годишниот јубилеј актерска дејност на актерката на струмичкиот театар во пензија, Тинка Ристеска, која своето театарско патешествие како уметник го започнала уште во далечната 1969 година.
36 години професионален стаж, и уште 19 години актерски улоги како гостин на струмичката сцена по завршувањето на активната кариера – тоа е нејзиниот влог во македонската театарска уметност. Генерации струмичани и струмичанки растеле гледајќи ги претставите во кои таа играла станувајќи еден од препознатливите ликови на струмичката култура.
„Повелете на претставата, да ѝ одадеме почит на нашата Тинче, како што си ја нарекуваме во секојдневието. Уметникот останува уметник цел живот, доказ за тоа е и таа, која и по цели две децении по пензионирањето, уште е нераздвојна од театарската сцена“ – стои во поканата од струмичкиот театар.