Во петок, 26 јануари со почеток во 19:30 часот во Europe House во Струмица ќе се одржи Книжевен разговор со поетесата, писателка, антрополог, литературна преведувачка, полиглот, Наташа Сарџоска на кој ќе бидат претставени и нејзиниот роман „Живот без сведоци“ и поетската книга „Часови по измама“. Разговорот со Наташа ќе го водат проф. д-р Ана Витанова Рингачева и поетесата и новинар Сузана Мицева.
Наташа Сарџоска е родена 1979 година во Скопје. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт.
Дипломирала италијански јазик и компаративна книжевност со француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирала, во рамките на програмата „Еразмус“, книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетите во Лисабон (Португалија), Бергамо (Италија) и Перпињан (Франција), со магистерска теза за италијанскиот писател, поет, режисер и драматург Пјер Паоло Пазолини. Докторирала антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а како антрополог истражувала граници, миграции, егзил и бездомност. Предава на Меѓународниот универзитет „Шилер“ во Хајделберг во Германија.
Петок, 26 јануари | 19:30 часот | Europe House Струмица