Од синоќа повторно ставена во функција ноќна дежурна служба за медицинска помош во амбулантата во Ново Село, како дел од Службата за итната медицинска помош на ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица. Како што информираше директорот на оваа здравствена установа д-р Кирил Манчев, жителите на општина Ново Село своите итни здравствени потреби во ноќните часови ќе можат да ги добијат секоја вечер во амбулантата во Ново Село во периодот од 19:00 до 07:00 часот наутро, а во текот на денот од 07:00 до 19:00 часот, прегледи и други здравствени услуги ќе ги извршуваат кај своите матични лекари.
Според најавите на директорот Манчев, со почетокот на новата учебна година ќе започне со работа и Стоматолошката служба во амбулантата во Ново Село. Следува и период на целосно реновирање на објектот, со цел да се создадат подобри услови за пациентите, но и за медицинскиот персонал кој работи во амбулантата.
Пет години не фунционираше дежурната служаба во Ново Село, а повторното ставања во функција на дежурната служба се реализира со поддршка на Владата и е дел од пошироката активност за доекипирање на ЈЗУ „Здравствен дом“ Струмица со нов кадар од лекари, медицински сестри и возачи.
На официјалното активирање на дежурната служба во Ново Село синоќа присуствуваа и пратеникот во македонското Собрание од овој регион, Петар Марков и градоначалникот на општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, кои изразија благодарност до Владата, министерствата за здравство и за финансии, како и до Фондот за здравство кои помогнаа повторно да се стави во функција дежурната служба за итна медицинска помош во Ново Село со што жителите од оваа општина повеќе нема да патуваат 30-тина километри до Струмица за укажување на итна лекарска помош.