Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Србија на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, беше реализиран проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“, како дел од програмата за одбележување на 80-годишнината од неговата кодификација.
На дебатата Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели читаа извадоци од своите дела и разговараа со своите колешки писатели и преведувачи од Србија – српската поетеса Ана Ристовиќ и Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик. Беа прочитани стихови од стихозбирката „Длан и нетакнуто“ од Никола Маџиров, преведена на српски јазик од Билјана Андоновска и од романот „Страх од варвара“ од Петар Андоновски, во превод на Милена Илиќ.
„Јазикот живее органски, патува низ нашите тела и мисли и она што го изговараме е само прашина од она што сме. Но, потребен ни е да се разбереме“ – истакна поетот Никола Маџиров од Струмица.
Авторите Маџиров и Андоновски читаа на македонски, а на српски јазик тоа беше интерпретирано од актерот Александар Стоименовски.