„Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град што ги сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто. Идејата потекна од нас, група професионални музичари од Филхармонијата, Операта и колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, оформени во здружение на граѓани со име на фестивалот, со цел да направиме допадлив и квалитетен фестивал, единствен од таков вид кај нас, презентирајќи претежно камерна музика во состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Идејата за фестивалот со задоволство ја прифатија и поддржаа градоначалникот на градот и Советот на Општина Струмица, за што им благодариме за поддршката“ – кажа на прес конференцијата професорот Васил Атанасов, селектор на фестивалска програма на „Classic International Festival Strumica 2024“, кој го најави отворање на фестивалот за вечерва во 20:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
Фестивалот ќе биде отворен со Концерт на Клавирско трио „3-ОС“ од Хрватска, составено од врвните музичари Кирил Наумов, Жељко Штрбац и Мирослав Мајиќ.
Следниот концерт е во понеделник, 3 јуни со почеток во 20:00 часот, а ќе се одржи во Црковниот храм „Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица. Таму ќе настапи Градски мешан хор „Гортинија“ под диригентство на Илија Атанасов.
На 5 јуни (среда) во Градската уметничка галерија ќе настапи „Дуо гитари“ со Цветелина Брешкова и Божидара Трохарова од Бугарија.
Во петок, 7 јуни уште едно дуо, овој пат на пијано со Тања Божиновска и Билјана Димовска од Македонија. Тие ќе одржат свој концерт во рамките на фестивалот во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ од 20:00 часот.
Третиот „Classic International Festival Strumica 2024“ ќе биде затворен на 9 јуни, недела со концертот на Камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија. Концертот ќе се одржи во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ од 20:00 часот.