Православните верници од Струмица го започнаа славењето на Христовото воскресение, најголемиот и најрадосниот празник, кој според христијанското учење ја симболизира победата на животот над смртта.
На полноќ, во Струмица, веста за Христовото воскресение ја објави Викарниот Епископ г. Јаков Стобиски со свештениците на богослужба што се одржа во дворот на црквата „Св. Григориј Палама и Димитриј“ на Македонската Православна Црква.
Христовото воскресение верниците го дочекаа со запалени свеќи во рацете, со молитви за здравје и благосостојба, со кршење со велигденски јајца и со традиционалниот поздрав Христос воскресна – Навистина воскресна.
На богослужбата пред црквата „Св. Григориј Палама и Димитриј“ покрај големиот број на верници присуствуваше и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Празникот на Христовото воскресение – Велигден е празник на љубовта и мирот, триумф на животот над смртта, на доброто над злото и ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување и ја докажал божествената моќ.
Велигден е главен Христијански празник, прв и најстар од сите христијански празници, основа на христијанската црковна година.
За Велигден се вапсуваат црвени јајца кои христијаните меѓусебно си ги подаруваат честитајќи си го празникот. Црвената боја е симбол на радоста, а јајцето симбол на животот. Како што од јајцето се раѓа живот, така Исус воскресна од гробот.
На Велигден христијаните се поздравуваат со зборовите: „Христос Воскресна – Навистина Воскресна“.