Познатите уметници и естрадни имиња, браќата Миле и Георги Барбаровски, се овогодинешни добитници на Годишната награда за животно дело „Свети Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици“, што Општина Струмица традиционално ја доделува за исклучителни достигнувања и особен придонес во областа на уметноста и културата.
Наградата им беше врачена на денешната Свечена седница на Советот на општина Струмица, што се одржа по повод патрониот празник на градот – Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, заштитниците на Струмица.
Со ова признание, локалната самоуправа им оддава чест на двајцата уметници кои повеќе од четири децении со својот музички, поетски и културен ангажман оставија длабока трага во културниот живот на регионот и пошироко.
Миле Барбаровски е роден во Дабиље, струмичко, и е едно од најпрепознатливите имиња на македонската естрадна сцена. Како автор и композитор, зад себе има богат творечки опус што го обединува македонскиот мелос, современиот звук и карактеристичната лирска емоција. Со години е автор на некои од најпознатите македонски новосоздадени песни, интерпретирани од познати имиња на македонската естрада. Неговиот препознатлив стил и длабока музичка чувствителност ги направија неговите композиции безвременски хитови, објавени и пеени од бројни естрадни ѕвезди.
Георги Барбаровски, исто така од селото Дабиље, е познат поет, раскажувач и долгогодишен културен активист. Со својот уникатен поетски стил и наратив, кој ја слави традицијата, духовноста, љубовта и човечноста, тој важи за еден од највлијателните современи автори на текстови за песни испеани од македонските музички имиња.
Неговите литературни творби често се преточуваат во музички композиции, а заедно со брат му Миле со децении ја претставуваат македонската песна на бројни естрадни сцени. Георги е редовен учесник на хуманитарни настани, литературни средби и културни вечери, каде неговата поезија е препознатлива по искреноста и длабочината.
Браќата Барбаровски, со својата повеќедецениска кариера, создадоа препознатлива уметничка вредност што стана дел од културниот идентитет на Македонија. Тие се имиња кои негуваат традиција, ја афирмираат македонската музика и поезија и ја пренесуваат на новите генерации.
Со доделувањето на Наградата за животно дело, Општина Струмица симболично се заблагодарува за нивната посветеност, талент и неуморен општествен ангажман. /Р.Ѓ./





























