Драги браќа и сестри!
Во ова божиќно време, христијаните го слават и му вознесуваат пофалба на Бога со своите литургиски празнувања за неговите големи дела и му благодарат за љубовта што, и покрај нашите талкања, постојано ја покажува, сакајќи да не држи во своја близина. Раѓањето на Спасителот нѐ прави свесни дека Бог го исполнува своето ветување, дека изгледот на овој свет поминува и дека Господ, кога ќе се исполни времето, кога ќе се случи преобразбата на светот, повторно ќе дојде во својата слава придружуван од своите ангели. Ангелите ќе го повикаат секое човечко тело на преобразба и соединување со душата, а Господ, како судија, ќе седне на својот престол и ќе им суди на живите и мртвите. Тогаш ќе се создаде голема поделба на светот, бидејќи секој, сега преобразени, ќе бидат разделени според својата вера и дела.
Светото Писмо ја пренесува пораката за крајот на времето и нè повикува да бидеме будни не само како подготовка за крајот на времето, туку да бидеме будни и во ова време. Божјото Слово, кое се воплоти во одреден историски момент и се всели меѓу нас како „Бог со нас“, постојано нè поттикнува и ни помага да бидеме беспрекорни до крај, посебно „во денот на нашиот Господ Исус Христос“ (сп. 1 Кор 1,8).
Тоа е повик упатен до нас, Христовите верници, да се оттргнеме од нашата пасивност, да се исправиме и да ги подигнеме своите глави и внимателно да ја слушаме пораката што Бог ни ја испраќа преку своите ангели. Оваа порака најпрво и беше упатена на Марија преку ангелот: „Ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе Го наречеш со името Исус. Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид, и ќе царува над домот Јаковов засекогаш, и царството Негово нема да има крај“ (Лука 1,31-33). И при раѓањето на Исус во Витлеем, ангелите им објавија на луѓето: „Не плашете се! Еве ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе! Денес во градот Давидов ви се роди Спасител – Христос Господ. Ова ќе ви биде знак: ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли“ (Лука 2,10-12).
Активниот пристап кон денот на Господовото доаѓање воедно бара и соодветен активен пристап кон луѓето. Исполнувањето на времето на Неговото доаѓање полека се движи во мали чекори и прави мали нешта, но со голема љубов, како што тоа убаво го изразува нашата светица, света Мајка Тереза. Ова исто така го вклучува и нашиот пристап кон човекот, подароците што ги добиваме од солидарност, отворањето на нашите срца кон оние кои се во неволја и будноста во молитвата и славењето на Бога кој е голем, милостив и благ. Ова се чекори што нè водат кон Витлеем, чекори што нè водат да го следиме патот во наследувањето на Исус.
Свесни сме за фактот дека конфликтите во светот, за жал, не се смируваат, но оваа година покрај старите конфликти започнаа и нови немири обележани со страдањето на невините. Војната во Украина трае повеќе од дваесет месеци, а застапеноста во медиумите е потисната во овие наши денови од конфликтот во Светата земја, помеѓу Израел и Палестина во Појасот Газа. Овие два конфликти ги засенија сите други војни и вооружени конфликти што се случуваат низ целиот свет, каде што моментално се водат повеќе од 20 различни воени конфликти. Се наведуваат високи бројки на убиени и милиони раселени. Секогаш кога човекот ќе сврти грб на Бога и кога поединецот, народите, заедниците или општеството поставуваат лабилно човечко суштество на местото на Бога, ни се случува да сѐ доведеме во опасност.
Постојано сме преокупирани со вести за исчезнати, киднапирања, убиства, во кои често жртви се деца, како што беше случајот со убиства на деца во училиште во нашето соседство, така и со четирнаесетгодишната Вања, нашата сограѓанка, од нашето маало. И најчеста причина за таквите тешки гревови е личниот интерес, односно користољубието. Имајќи го тоа во предвид, во нас се појавува желба да упатиме молба до Бога: „Зошто така нѐ поразуваш, за да не можеме да се излечиме? Чекаме мир – а нема ништо добро; чекаме време за спасување, а еве, ужаси“ (Еремија 14,19)!
Јас како бискуп на оваа помесна Црква, а пред се како христијанин и верник заедно со сите вас, можам да потврдам дека и Бог е длабоко натажен поради овие трагедии и разорното зло што виси над нас. Но, тоа секогаш ни се случува кога човек му врти грб на Бога, кога лошиот дух ќе го убеди дека Бог не му е пријател, и човекот го отстранува Бога од својот живот и откако ќе згреши не сака да го слуша и да одговори на повикот, а понекогаш се бунтува и оправдува. Слично кога Бог го повикуваше и бараше првиот човек: „Адаме каде си?“ (Битие 3,9). Каде си, човеку создаден од земниот прав, тебе што те создадов според својот образ и подобие и кој те вдомив во рајот, каде си?“ А Адам одговари: „Го чув гласот Твој во рајот кога врвеше, па се уплашив, оти сум гол, и се сокрив.” (Битие 3,10). Сличен е и повикот до Каин: „Каде е братот твој, Авел?“ А Каин му одговара: „Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми?“ Тогаш Господ Бог му рече: „Што направи? Чуј! Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене“ и бара правда од Мене (Битие 4,9-10).
Доволно е денешното зло, крвта која и денес се пролева вика од земјата кон Бога за правда! Како во случајот со Адам и Каин, злото продолжува да се умножува. Затоа, сигурен сум, Бог денес повторно го бара закрвавеното човештво, прашувајќи го: Каде си? Каде одиш, што правиш? Потребно е како општество и човештво, да не бараме изговори и оправдувања за своите гревови и крвта која се пролева на разни места во светот, туку да го свртиме својот поглед кон милостивот Бог, додека не е предоцна.
Но, Бог ја почитува нашата слобода и едноставно препушта на нас самите и нашите постапки. Но, сепак, Тој е секогаш близу. Залудно е да се криеме од Него. Постојано нѐ бара по нашите погрешни патишта, и еднаш ќе мора да дојдеме пред Него. „Сите ќе застанеме пред судот Христов… Секој од нас ќе одговара пред Бог за себе“ (Римјаните 14,10.12). Бог е секогаш со нас. Во еден момент од историјата, тој се воплоти, ја зеде нашата човечка природа, стана човек, еднаков со нас во сè освен во гревот. Тој помина низ земјата правејќи добро. „Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија, им даде моќ да станат чеда Божји“ (Иван 1,11-12).
Таткото на Иван Крстител го објавил раѓањето на Исус Христос како доаѓање на Младо Сонце од височина, кое ќе ги просветли „оние што седат во темнина и сенка смртна и да ги упати нозете наши по патот на мирот“ (Лука 1,78-79). Доаѓањето на тоа мало Дете нека ја избрише секоја солза од нашите очи и на сите нека ни подари радост и мир.
На сите ви посакувам среќен Божиќ и благословена Нова Година!
Христос се роди!
Со благослов Ваш епископ/бискуп
+ Киро Стојанов