Александар Димитров од Иловица, струмичко повторно го освои златниот медал на натпреварот на „Елитни месари“ во Швајцарија.
На 20-то Швајцарско првенство за преработка на месо, што се одржа вчера во кантон Валис, тој во конкуренција со 40-тина месари од Швајцарија и повеќе европски држави го освои првото место на Akkordmitarbeiter „елитни месари“.
Станува збор за натпревар на кој месарите се натпреваруваат за брзо, прецизно и чисто дебонирање на три свински раменици. Инаку Александар веќе осум години живее и работи со семејството во Швајцарија, а пред заминувањето тој беше долги години дел од тимот на месара „Шунте“ во Струмица.
„Беше многу возбудливо, интересно но и малку напнато за да се бориш во таква елитна конкуренција. Им благодарам на сите за поддршката, чест и задоволство ми е што успеав да ја одбранам титулата од минатата година“, вели Александар.