Во Струмица е надминат прагот на алармирање на суспендирани честички ПМ10, информира Министерството за животна средина и просторно планирање, повикувајќи се на податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи.
Како што соопштува Министерството, во текот на два последователни дена е надмината вредноста од 150 μg/m³, поради што за Струмица се активираат мерки за заштита на населението и животната средина.
Согласно настанатата состојба, се наложува да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, како и засилени контроли на терен на инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати. Инсталациите со континуиран мониторинг се задолжуваат да овозможат јавен пристап до измерените податоци.
Дополнително, се бара интензивирање на вонредните контроли на техничката исправност на возилата, со посебен акцент на возилата на дизел гориво и нерегистрираните возила, како и засилени контроли на градилиштата и строга забрана за горење на отворено.
Од Министерството упатуваат и препораки до правните субјекти – работодавци, да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака од матичен лекар.
Исто така, се препорачува реорганизација на работното време, при што лицата кои работат на отворено да ги извршуваат работните задачи во периодот од 11:00 до 17:00 часот, како и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.





























