На плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица се одржа петтото издание на „Агросаем Струмица 2025“, настан чија цел беше да ги спои производителите, откупувачите, трговците, стручни лица и јавноста во еден настан за промоција на нови технологии, производи и идеи во земјоделството.
На настанот присуствуваа над сто изложувачи, меѓу кои фармери, градинари, пчелари, производители и дистрибутивни компании за репроматеријали и земјоделска опрема, како од Македонија, така и од странство.
Во рамките на саемот, се презентираа најнови модели земјоделска механизација, иновативни ѓубрива и заштитни средства, како и различни производи од прехранбената и кондиторската индустрија. Дел од програмата беше дегустации и продажба на домашни производи, зимници, мед, млечни производи, сокови, со што посетителите имаа можност да дегустираат и да купат свежи локални производи.
Една од централните точки на саемот беше изборот и прогласувањето на најдобрите производители во одредени категории. Во рамките на оваа програма беа избрани „Жена фармер“ и „Млад фармер“ на годината, како и најквалитетен мед по категории.
За најдобри жени фармери беа прогласени Катерина Трајкова од Долно Чичево, велешко и Славица Малинова од село Куклиш, струмичко. Во категоријата „Млад фармер“ наградите им беа доделени на Васил Гавровски од Босилово, Кристина Тодорова од Неготино и Ристе Гоцевски од Моноспитово.
Саемот се одржа под покровителство на Општина Струмица и со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Организатор беше здружението Проагро фармери од Струмица, кое традиционално го реализира овој настан како платформа за промоција на домашното производство, зголемување на свеста за македонската храна и зајакнување на меѓусебната соработка меѓу земјоделците и потрошувачите.