Во десетте општини во Југоисточниот регион ќе се постават 20 брзи полначи за електрични возила. Полначите ќе бидат со еднонасочна струја со моќност од 150kW и едно возило ќе може да се наполни за 25 минути. Станува збор за проект на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.
Во Струмица планирано е да се инсталираат 5 полначи на различни локации, во Босилово и Ново Село по два и еден полнач во Василево.
„Изработената техничка документација е за прв ваков сеопфатен проект во регионот и државата. Истата ќе послужи како основа за обезбедување на инвестиции за одржливи транспортни решенија на територијата на општините на Југоисточниот плански регион. Нашата следна цел е со координирани напори со општините и надлежните државни институции да ги обезбедиме неопходните средства за постепена изградба на е-полначите на предвидените места“ – вели директорот на Центарот за развој на Југоисточниот пламски регион, Ѓоко Камчев.
Изработката на техничката документација за поставување на 20 полначи за електрични возила е преку проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ на УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа преку финансирање обезбедено од Амбасадата на Шведска и Бирото за регионален развој.