Актерката од Струмица, Јасмина Вучкова е добитничка на наградата за најдобра женска споредна улога на 28-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Денови на комедија“ – Куманово 2025.
Вучкова ја освои наградата за својата извонредна интерпретација како Наталија во комедијата „Петок 13-ти“ од Жан Пјер Мартинез, во режија на Никола Ристов, претстава во изведба на актери од струмичкиот театар „Антон Панов“. Нејзината игра беше оценета како автентична, темпераментна и полна со енергија, оставајќи силен впечаток и кај публиката и кај жирито.
Со ова признание, Јасмина Вучкова уште еднаш го потврди својот талент и професионализам, додавајќи уште едно значајно признание во својата богата актерска кариера и уште еднаш ја афирмираше струмичката театарска сцена како една од водечките во земјава.
Фестивалот „Денови на комедија“ традиционално го промовира најдоброто од домашната и регионалната комедија. На фестивалската сцена настапија театарски ансамбли од повеќе градови од Македонија, како и од соседните земји Србија и Бугарија, а жирито ги награди најуспешните остварувања во различни категории.