Попладнево во манастирот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, беше отслужена празнична Вечерна богослужба на која претстоеше Неговото Високопреосвештенство митрополитот захумско – херцеговачки г. Димитриј од Српската Православна Црква во молитвено присуство на Високопреосветените митрополити г. Дамаскин од Православната Црква на Грција и викарниот епископ Стобиски г. Јаков.
Владиката Дамаскин донесе честица од моштите на Св. Великомаченик Димитриј Солунски кои беа изнесени за целивање и поклонение на верниот народ на вечерната служба, како и утре на Божествената Литургија која ќе се служи во манастирот на Светите Петнаесет од 8:30 часот.
Покрај многуте верници на вечерната служба присуствуваа и градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Оливера Трајковска, советници, директори на институции.
Вечерва во 18:00 часот во Манастирот „Свети Леонтиј“ во Водоча на покана на Митрополитот Струмички г. Наум и Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков, верниците ќе можат да присуствуваат на Свечена духовна академија.