Во дворот на Средното општинско училиште „Димитар Влахов“ во Струмица се гради нов современ Ученички дом. Општина Струмица инвестира 100 милиони денари од својот буџет, а новиот Ученички дом ќе биде со капацитет за 98 ученици, пред се за ученици од соседните општини кои се школуваат во Струмица.
Новиот Ученички дом ќе има приземје и два ката. На приземјето е предвидено да има заедничка менза, кујна, машински и технички простории. На првиот кат ќе има соби со тоалет и балкон и заедничка просторија – читална. На вториот кат исто така ќе има соби со тоалет. Собите ќе бидат четирикреветни и двокреветни, од кои две соби двокреветни кои ќе бидат за сместување на лица со посебни потреби.
„Многу прашања поврзани со изградбата на овој дом во минатиот период стигаа на моја адреса, но еве уште една потврда дека за мене зборот е збор. Имаше многу работа во подготвителниот период и планирана, но и непланирана, се решија сите проблеми и домот се гради“, вели градоначалникот Костадин Костадинов кој денеска беше на увид на почетоците на изградбата на Ученичкиот дом.