После 11 години повторно во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица едукативно предавање одржа проф. д-р Зоран Крстевски, професор на науки, филозоф, астролог, кој зборуваше за мудростите кои стојат на страниците на неговите книги, обрнувајќи внимание на темите од книгите „Излез од криза“ и „Исцелување на душата“.
Будно следејќи го публиката од различни генерации во скоро тричасовно предавање, д-р Крстевски, како автор на десет книги кои се меѓу најчитаните во Македонија, а познат по неговите предавања и настапи на медиумите каде обработува теми од областа на филозофијата, психологијата и астрологијата, се осврна на повеќе аспекти од современо живеење.
Тој истакна дека во ова време на стресно и брзо живеење смирениот дух е тоа што треба да го извлечеме од нас, да ги избегнуваме негативните лица, да најдеме наше решение за секоја стресна ситуација и неубавите работи кои ни се случуваат, и да подариме внимание и љубов. Само така ќе успееме да најдеме духовен мир, ќе успееме да ја исцелиме душата и да ги предадеме вистинските морални вредности на следните генерации.
„Треба да бидеме храбри, решителни и настојчиви бидејќи суштината на животот не е во избегнувањето на падовите, туку во стремежот да учиме од грешките – тие го јакнат духот и го трасираат патот што води кон победите“, извадок од книгата „Излез од криза“.
Предавањето го организираше Елена Зетова со поддршка на Општина Струмица.