Тимот од осум пожарникари-спасители од ТППЕ Струмица, специјално обучени за пребарување и спасување, кој е во состав на Републичките сили за заштита и спасување при Дирекцијата за заштита и спасување, од вчера во попладневите часови и во текот на ноќта ги пребаруваат огромните купишта од бетон и метал по катастрофалниот земјотрес во турскиот град Адијаман, кој се случи во понеделникот во раните утрински часови, надевајќи се на сé уште преживеани луѓе.
„Нашиот тим работеше цела ноќ и се трудевме колку што можевме да допреме до некого и пронајдеме преживеани лица под десеткатница, но за жал, поминаа веќе 72 часа и нема знаци на преживеани под ова зграда. Паралелно, и температурите се ниски. Синоќа се спушти на -7 степени, сигурно и хипотермијата си го прави своето. Се претпоставува дека под ова десеткатница која ја пребарувавме има околу 100 мртви од која се спасени само две лица. Целиот регион е разурнат. Патиштата и улицата се како брановидно пресечени. Очајна е состојбата овде. Во текот на денот ќе бидеме преместени на друга локација за пребарување и спасување на евентуално преживеани кои се под урантини“ – кажа Вернер Стоилов од тимот на струмичките пожарникари.
Од Противпожарната единица на Струмица информираат дека пожарникарите-спасители продолжуваат и денеска со спасувачката мисија се додека постои и најмала надеж за спасување на барем еден човечки живот.
Бројот на загинати по разорните земјотреси долж турско-сириската граница надмина 16.000 луѓе. Тој број се очекува да се зголеми бидејќи спасувачките напори на мултинационалните тимови се забрзуваат во услови на студени и бурни временски услови. Десетици илјади луѓе се повредени.