Струмичките пензионери се револтирани, денеска протестираа поради најавата за покачувањето на пензиите за само 6%. Наместо процентуално бараат линеарно покачување од 5.000 денари по пензионер во месец септември и ште 5.000 денари за Нова Година.
„Навистина нашиот пензионерски живот и егзистенцијата е многу тешка. Со минимални пензии живееме и бараме од институциите, а посебно од министерката Јована Тренчевска да има разбирање за нашите барања. Затоа се собравме овде и нема да престанеме, ќе продолжиме и понатаму со нашите барања се до нивно исполнување“, кажа Мите Митев од Здружението на пензионери во Струмица.
Пензионерите велат дека не може да има процентуално зголемување на пензиите кога трошоците на живот се пресметуваат исто за сите и цените на производите во маркетите се исти за сите. Крајно се револтирани на огромното зголемување на платите на функционерите за 78%, а за нив само 6% и за оние со вискои пензии и за оние со мали пензии.
„Државата треба да направи како со категории на земање пензија, така да ги зголеми пензиите. Прва категорија да зема толку проценти повисока пензија, втора друг процент, трета, четврта категорија, а 6% на сите не е во ред“, вели Марика Џртева од Здружението на трудови инвалиди која со 13.000 денари пензија таа, како што кажа и многу други пензионери преживуваат.
„Ние преживуваме од децата што ни печалат пари, ама природата не нé створила кравата да цица од телето. Со тие пари што ни ги праќаат децата ние опстануваме, а со пензиите не. Децата ќе работат за нас да не финансираат. Не е во ред. Ние сме работеле, ама не за таква минимална пензија од 11, 12, 13 илјади денари“, додаде Џртева.
Струмичките пензионери најавија дека следниот мирен протест ќе биде во вторник, 8 август од 10:00 часот пред Домот на пензионерите во Струмица.