Струмичанката Кристина Зимбакова учествува на Биеналето на хартиена уметност 2024 – „Процвет“ кое се одржува од 21 април до 11 август во Замокот „Хаген“ во близина на градот Бремен во Германија. Биеналето е организирано од Меѓународната асоцијација на уметници што рачно изработуваат хартија (ИАПМА), водечка светска организација од таков тип. Замокот има богата историја од 800 години и е подигнат од архиепископите на Бремен, а денес претставува регионален културен центар.
На изложбата се изложени 100 дела од уметници од 37 земји од целиот свет, одбрани во конкуренција од 505 пристигнати дела. Зимбакова е единствен претставник од Македонија, на Биеналето се претставува со сликата во комбинирана техника „Врвот на бурите“, создадена во 2023 година на рачно изработена хартија од габи и со елементи на мозаик од габи (Pisolithus arhizus, Antrodia malicola, Trichaptum biforme, Xenasmatella vaga) и лишаи (Lasallia pustulata, Usnea sp.). Насловот на делото произлегува од етимолошкото значење на поранешното име (Ел Тепе) со турско потекло за врвот Вихрен (2914 мнв.) на планината Пирин, кој е врв трет по височина на Балканот.
Темата на Биеналето – „Процвет“ е сосредоточена на потенцијалот на хартијата да ги оживее сеќавањата и искуствата што ги забележала, па уметничките дела се стремат да пренесат позитивен поглед кон животот, да ја нагласат важноста на обновата и надежта и да алудираат на животната средина и одржливоста на хартијата како самостоен уметнички медиум.