„Времето пред приказната“ е најновиот роман на струмичанецот Митко Маџунков што во декември излезе од печат во издание на Издавачки центар „ТРИ“.
Станува збор за роман кој е редок пример на една раскошна епска сага, која всушност е слика на нашето време, на нашето непосредно минато, на нашата сегашност и најблиска иднина. Историјата е собрана на едно место, искористена за да се создаде нова што ќе се темели врз критиките на големите светски мислители. Проникнат со мисловна и јазична густина, најновиот роман на Маџунков е полифонична приказна во која секоја реченица крие повеќе значења и се разгранува во повеќе можни текови.
За своето творештво Маџунков е добитник на повеќе книжевни награди и признанија: „Исидора Секулиќ“, Рациново признание, „Војдан Чернодрински“, Роман на годината на „Детска радост“, Книга на годината на Македонската книжевна фондација, двапати ја добил Годишната награда на својот роден град Струмица – „Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, а ова година токму со „Времето пред приказната“ е во изборот за престижната награда Роман на годината за 2022 година.